ПРЕДГОВОР
Состојбите од аутистичен спектар не престануваат да ја интригираат светската и домашна јавност пред сè поради зачестеноста во нивното појавување, поради нејасните механизми за појава на состојбата и, секако, уште повеќе поради непостоењето унифициран третман. Тешкотиите во сферата на социјалниот развој и остварувањето интеракција и комуникација со средината се сметаат за клучна вулнерабилност кај аутизмот. Тешкотиите во социјалното функционирање се најсилниот фактор што ја предвидува дијагнозата, но и прогнозата кај овие состојби. Во последната декада, истражувањата потврдуваат дека овие рани отстапувања во социјалниот развој придонесуваат за развој на широк спектар предизвици во учењето, што понатаму имаа негативно влијание врз целокупниот развој на детето и врз неговото приспособување во средината.
Нашето практично и теоретско искуство го негира сфаќањето дека децата со аутизам не се социјални или дека немаат желба за социјална интеракција и комуникација. Напротив, децата со состојби од аутистичниот спектар често не располагаат со вештини за секојдневно социјално однесување, па овие тешкотии треба да се препознаат и да се опфатат во една сеопфатна индивидуална програма. Со оглед на важноста на социјалните интервенции за децата со аутизам, императив за професионалците и родителите е да имаат пристап до ресурси посветени на социјалното однесување.
Прирачникот што е пред вас нуди различни пристапи, практики и сугестии базирани на докази за родителски вештини за деца и млади со аутизам. Важно е да се нагласи дека поради хетерогената природа на состојбите од аутистичен спектар, но и воопшто во однос на различните родителски стилови, не постои еден унифициран пристап. Имено, пристапи што се ефикасни кај едно дете, може да се несоодветни и/или неефикасни кај друго. Затоа овој прирачник треба да се третира како водич, имајќи ја предвид варијабилноста на успешноста на одреден пристап во зависност од детето. Сепак, принципите опишани од авторите можат да имаат широка примена и да им бидат од корист на голем број семејства на деца со состојби од аутистичниот спектар. Истовремено, овој прирачник е вредна алатка што ќе им користи на различни профили професионалци вклучени во поддршката на децата во нивната секојдневна работа. Освен семејствата, при конципирање на овој прирачник ги имавме на ум наставниците, специјалните едукатори и рехабилитатори, логопедите, психолозите, педагозите, медицинарите, негувателите во градинките, социјалните работници, личните и образовните асистенти, како и идните професионалци, како што се студентите од Институтот за специјална едукација и рехабилитација и многу други стручни профили кои ќе покажат интерес за оваа тема.
Прирачникот „Поддршка на социјалниот развој и позитивното родителство“ претставува прво вакво четиво објавено во земјава, и тоа на три јазици: македонски, англиски и албански. Во него се обработени 7 поглавја, со кои целосно се опфатени курикулумот за едукација на професионалци и родители и обуките реализирани во неколку јавни установи од социјалната заштита и преку серија виртуелни работилници и вебинари во периодот од јануари до јуни 2020 година. Воведниот дел, во кој се дадени основните карактеристики на ова первазивна состојба, е подготвен врз основа на материјалот изработен од проф. д-р Владимир Трајковски, користен за потребите на обуките. Второто поглавје ги опишува развојните аспекти на социјалните вештини и социјалната комуникација и најчестите предизвици со кои се соочуваат децата со аутизам. Во третото поглавје се дадени насоки за процена на социокомуникациските вештини и рамка за планирање на интервенцијата. Четвртото поглавје ги објаснува практиките базирани на докази и видовите пристапи во подучувањето на оваа ранлива категорија деца. Овие три поглавја се подготвени врз основа на материјалот користен за потребите на обуките, а изработен од м-р Ивана Василевска Петровска. Во петтото поглавје, големо внимание е посветено на начините и алатките за поддршка на детето, и тоа: организациска поддршка, социјалната поддршка, поддршката на комуникацијата и бихејвиоралната поддршка. Петтото поглавје е подготвено врз основа на материјали изработени од м-р Ивана Василевска Петровска и проф. д-р Владимир Трајковски, кои беа користени за потребите на обуките.
Во поново време се зголемува и нашето разбирање за огромното влијание на сензорната чувствителност кај состојбите од спектарот, па на оваа тема е пристапено од практичен аспект во шестото поглавје, кое е подготвено од проф. д-р Владимир Трајковски. Последниот дел, но не и најмалку важен, е сексуалниот развој и сексуалната едукација, неизоставно врзани со социјалното однесување на децата. Седмото поглавје е подготвено врз основа на материјалите искористени за потребите на обуките, а изработени од м-р Тања Станкова.
Прирачникот изобилува со голем број илустрации и примери од практиката што ќе бидат од голема помош за професионалците и родителите.
Ја изразуваме нашата благодарност до рецензентите м-р Радмила Стојковска Алексова и Ирена Лозана, за укажаните забелешки и вредни предлози за приближување на ракописот до неговите ценети читатели. Голема благодарност заслужуваат вработените во канцеларијата на УНИЦЕФ во Скопје и Владата на Обединетото Кралство за финансиската поткрепа на овој прирачник.
Скопје, јули 2020 година
Авторите
Прирачникот на три јазици со слободен пристам можете да го симнете на следниот ЛИНК.