Почитувани колешки и колеги,
Денес ви ја преставуваме следната презентерка на третиот вебинар што ќе се одржи во четврток на 21.05.2020 во 12:00 часот преку платформата Zoom, а тоа е техничката м-р Тања Станкова, долгогодишен член на МНЗА.
М-р Тања Станкова е дипломиран дефектолог. Работи како училишен дефектолог во ООУ„Ѓорче Петров“-Скопје. Дипломските студии ги завршува во 2010 година на Институтот за специјална едукација и рехабилитација, на Филозофски факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Магистерските студии ги започнува на Универзитетот во Осло, Норвешка, во рамки на програмата Специјална едукација, а ги завршува на Институтот за специјална едукација и рехабилитација, на Филозофски факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје 2018 година, со одбрана на магистерскиот труд Сексуална едукација на лица со аутистичен спектар на нарушувања – примена на техниката Социјални Приказни, под менторство на Проф. д-р Владимир Трајковски. Од 2011 година таа е член на Македонското научно здружение за аутизам (МНЗА) (www.mssa.org.mk).
Автор е на пет научни трудови: Вработување на лица со аутизам во Р. Македонија 2010 година; Инклузија на ученици со посебни образовни потреби во редовните училишта во Р. Македонија, 2012; Стратегии за комуникација со лица со Високо функционален аутизам и Аспергер синдром, 2012; Едукативен пристап за отстранување на несоодветно сексуално однесување кај лица со интелектуална попреченост, 2014; Примена Социјални Приказни во сексуална едукација на ученици со развојни нарушувања.
Обучувач: „Спречување на родово базирано насилство и дискриминација меѓу лицата со попреченост од јавната установа Бања Банско, 2019-2020“; „Програма за социјални вештини и позитивно родителство за деца и семејства со аутизам (асп), 2019“; „Постапување со деца со попреченост, жртви на насилство, 2018“; „Едукација за сексуалност и врски за лица со попреченост, 2016-2017“; „Сексуална едукација за лица со попреченост, 2016; Рана детекција на деца со попреченост, 2016“.
ИО на МНЗА