Почитувани колешки и колеги, драги родители и студенти,
Македонското научно здружение за аутизам (МНЗА), по тримесечна пауза, повторно ги продолжува своите едукативни активности со 35. вебинар, овојпат со исклучително значаен меѓународен предавач – проф. д-р Адриен А. Ешраги.
Иако летниот период беше исполнет со интензивни проектни активности и работни обврски, МНЗА продолжи активно да работи на унапредување на своите професионални и научно-истражувачки активности. Во тој контекст, со особено задоволство го најавуваме претстојниот вебинар, кој ќе се одржи на 17 септември 2026 година, со почеток во 19:00 часот.
Настанот е бесплатен за сите заинтересирани учесници и се реализира во соорганизација со Истражувачкиот институт за аутизам од Сан Диего, САД.
Кој е проф. д-р Адриен А. Ешраги?
Проф. д-р Адриен А. Ешраги, е професор по отоларингологија, неврохирургија, педијатрија и биомедицинско инженерство на Медицинскиот факултет „Милер“ при Универзитетот во Мајами. Во рамките на својата професионална и научна дејност, тој е директор на Лабораторијата за невроразвојни комуникациски нарушувања, раководител на клиниките за отологија и невроотологија во болницата „Џексон Меморијал“ и ко-директор на Институтот за уво при Универзитетот во Мајами.
Неговиот научноистражувачки опус опфаќа повеќе од 200 научни публикации, а бил и уредник на три научни книги. Неговата стручност и придонес во медицинската наука се препознаени и преку изборот од страна на неговите колеги за еден од „Најдобрите лекари“ и „Најдобрите лекари во Америка“ во текот на последната деценија.
Особено значајно е што д-р Ешраги е рангиран меѓу 2% од водечките научници во светот во 2024 година, што претставува дополнителна потврда за неговиот исклучителен научен придонес и меѓународната препознатливост.
Пријавување за вебинарот
Пријавувањето е отворено до 10 септември 2026 година, по што формуларот ќе биде затворен.
За учество во вебинарот потребно е да се регистрирате со точно име и презиме и валидна електронска адреса преку наведениот ЛИНК. Овие податоци се неопходни за навремено доставување на ЗУМ (Zoom) линкот за пристап до вебинарот.
Ги покануваме сите заинтересирани родители, студенти, наставници, специјални едукатори и рехабилитатори, здравствени работници, истражувачи и професионалци од сродни области, како и сите оние кои сакаат да ги продлабочат своите знаења за современите пристапи кон здравствените и коморбидните состојби поврзани со аутизмот, да ја искористат оваа можност за бесплатно професионално и научно усовршување.
МНЗА продолжува да создава можности за размена на знаења, поврзување со меѓународната научна заедница и унапредување на практиката заснована врз научни докази.
Ви благодариме за континуираниот интерес и за тоа што редовно ги следите активностите на МНЗА.
Со почит,
Претседател на МНЗА

