Сертифицирање на аутизам пријателски места

Linkedin   
Whatsapp   

Почитувани директори на основните и средните училишта,

Македонското научно здружение за аутизам (МНЗА) и партнерите од Autism Friendly Spaces конзорциумот, го креираа Autism Friendly системот за сертификација на јавни институции, приватни компании и граѓански организации кои умеат да покажат повисока општествена одговорност, свесност и разбирање и се подготвени да направат одредени прилагодувања за да бидат попристапни за лицата и децата со аутизам.

Во оваа прилика, Ве покануваме да бидете дел од првите сертифицирани Autism Friendly места во Европа.

За нас, училиштата имаат посебно значење во оваа иницијатива, затоа што прилагодениот (autism friendly) училишен простор, кој учениците го посетуваат секојдневно, ќе донесе значајни придобивки за нив. Од друга страна, училиштата кои се стремат да бидат инклузивни, или ги поддржуваат инклузивните вредности, имаат обврска да обезбедат еднакви услови за развој на сите ученици. Поради ова, сметаме дека инклузивните основни општински училишта, како и основните училишта со ресурсен центар, можат да имаат стратешки и развоен интерес да се вклучат во оваа важна иницијатива.

Сертификацијата е бесплатна и им овозможува на различните ентитети да го добијат Autism Friendly сертификатот, како знак на препознавање, кој може да се постави на веб страна и социјални медиуми.  Со добивање на сертификатот, организацијата ќе биде поставена на мапата на Autism Friendly места на autismfriendlyspaces.eu  и на мобилната апликација достапна на Google Play. Првите сертифицирани организации може да учествуваат на националната промоција на Системот за сертификација во организација на МНЗА, како и на европската промоција во организација на Autism – Europe од Белгија.

Што е потребно за да се добие сертификатот?

  1. Да се назначи најмалку двајца вработени во организацијата како Аутизам амбасадори, кои ќе се запознаат подетално со темата преку неколку внимателно дизјнирани онлајн модули и ќе се стекнат со сертификат за завршена обука. Обуката е асинхрона, така што следењето на модулите може да се прилагоди на временските можности и тековните обврски.
  2. Во координација со Аутизам амбасадорите, потребно е организацијата да направи одредени прилагодувања во однос на пристапноста на физичкиот простор и информациите, со цел да понуди услови прилагодени за учениците со аутизам.

Прилагодувањата се доста широки и зависат во голема мера од самиот простор, како и од можностите и ограничувањата на организацијата, во рамката на разумни прилагодувања, согласно КПЛП. Во публикацијата ИО2 – Критериуми во прилог на оваа покана, одвоивме неколку примери на типични прилагодувања кои се применливи во училишен простор. Македонското научно здружение за аутизам Ви стои на располагање, во рамки на својата експертиза, за консултации и фасцилитирање на процесот на прилагодување на просторот, како и пристапноста до информации за учениците со аутизам.

Доколку ја препознавате вредноста на оваа иницијатива, и сте заинтересирани да се вклучите, Ве молиме контактирајте ја м-р Ивана Василевска Петровска, на оваа е-пошта: vicepresident@mssa.org.mk.

Потпретседател на МНЗА