33. вебинар на МНЗА со проф. д-р Карин Паркер

Linkedin   
Whatsapp   
Почитувани колешки и колеги, драги родители и студенти,
 
Македонското научно здружение за аутизам (МНЗА) со особено задоволство го најавува 33. вебинар со проф. д-р Карин Паркер. Настанот е бесплатен и се реализира во соорганизација со Истражувачкиот институт за аутизам од Сан Диего, САД. Вебинарот ќе се одржи на 13 мај во 19:00 часот.

Која е проф. д-р Карин Паркер?

Д-р Карин Џ. Паркер е Труонг-Тан Бродком професорка, претседател на Одделот за главни лаборатории и вонреден претседател за стратегија и надзор на истражувањето во Одделот за психијатрија и бихејвиорални науки при Универзитетот Стенфорд. Таа е и професорка по компаративна медицина на истиот универзитет.

Д-р Паркер ја раководи Програмата за истражување на социјалните невронауки, која има за цел унапредување на разбирањето на биолошките основи на социјалното функционирање кај различни видови, како и транслација на овие фундаментални сознанија во насока на подобрување на дијагностиката и третманот на лица со нарушувања во социјалното функционирање.

Нејзиното научно истражување е поддржано од Националните институти за здравство (NIH), Фондацијата Симонс и Министерството за одбрана на САД. Резултатите од нејзините истражувања се објавени во водечки научни списанија, меѓу кои Science Translational Medicine, Nature Neuroscience, PNAS и Molecular Psychiatry, како и широко претставени во реномирани медиуми (NPR, CBS, Los Angeles Times, Scientific American, Newsweek и подкастот Huberman Lab).

Д-р Паркер ги стекнала своите додипломски и постдипломски степени на Универзитетот во Мичиген, а постдокторската обука ја завршила на Универзитетот Стенфорд, по што се приклучила на неговиот факултет. Таа е придружен научник во Калифорнискиот национален истражувачки центар за примати, член на Американскиот колеџ за невропсихофармакологија (ACNP) и член на Кавли фондацијата при Националната академија на науките на САД. Исто така, била поканет говорник и лидер на јавното мислење на состаноци на Националната академија на науките, NIH и различни меѓународни научни и приватни истражувачки тела.

Пријавувањето е отворено до недела во вечерните часови, по што формуларот ќе биде затворен. За учество е потребно да се регистрирате со точно име и презиме и валидна е-пошта преку наведениот ЛИНК, со цел да го добиете ЗУМ линкот за пристап до настанот.

Ви благодариме што ги следите активностите на МНЗА.

Со почит,
Претседател на МНЗА