Завршна онлајн конференција од проектот: „Вклучување преку социјални вештини за ученици со аутизам и интелектуална попреченост“

Linkedin   
Whatsapp   

Почитувани колешки и колеги, драги родители на деца со АСН и ИП,

Имам особена чест да ве поканам на завршната онлајн конференција од Еразмус плус проектот: „Вклучување преку социјални вештини за ученици со аутизам и интелектуална попреченост“ што ќе се одржи преку платформата ЗУМ на 06.11.2023 година со почеток во 17:00 часот. Во последните две години МНЗА, заедно со раководителот на проектот ОУ „Милоје Павловиќ“ од Белград и ФАСПЕР од Белград, Србија направи корисни материјали за наставниците и асистентите кои работат во редвониот образовен систем. Пријавувањето е задолжително на следниот ЛИНК. Само со оставање на точни податоци и точна е-пошта ќе можете да го добиете ЗУМ линкот. Во прилог е програмата на настанот. Го очекуваме вашето присуство и вашиот придонес на самата конференција.

Претседател на МНЗА,

Позитивен фидбек за публикацијата „Поддршка на социјални вештини и позитивно родителство“

Linkedin   
Whatsapp   

Почитувани,

Често за децата со аутизам се мисли дека не се социјални или дека немаат желба за комуникација и дружење. Напротив, децата со состојби од аутистичниот спектар често не располагаат со вештини за секојдневно социјално однесување, па овие тешкотии треба да се препознаат и да се опфатат во една сеопфатна индивидуална програма. Со оглед на важноста на социјалните интервенции за децата со аутизам, императив за професионалците и родителите е да имаат пристап до ресурси посветени на социјалното однесување.

Водени од ова, го подготвивме Прирачникот „Поддршка на социјални вештини и позитивно родителство“ наменет за родители на деца со состојби од аутистичен спектар и професионалци од нивниот круг на поддршка, публикуван во партнерство со Уницеф и поддршка од Владата на Обединетото Кралство  и Британската амбасада во Скопје. Прирачникот нуди различни пристапи, практики и сугестии базирани на докази за родителски вештини за деца и млади со аутизам.

Четири месеци по публикувањето, разговаравме со родителите за да дознаеме кое е нивното мислење за оваа публикација. Особено сме горди на она што тие имаа да го споделат со нас. Прочитајте во продолжение:

Прирачникот генерално ми се допадна многу. Корисен е и за родителите и за едукаторите како и за останатите членови на семејството, како на пример: баба, дедо и сите што се во непосреден контакт со детето со аутизам. Бидејќи сум мајка на тинејџер, перидов се соочувам со потреба од повеќе информации за сексуално воспитување и за мене особено корисно беше поглавјето за сексуален развој и сексуална едукација кај деца и млади со аутизам. Макар што и управувањето со сензорната чувствителност, исхраната и спиењето многу ми се допадна. Има јасен стил и разбирлив е за читателот и корисникот на прирачникот, чиста 10ка од мене како родител. Го препорачала на други родители, едукатори, впрочем добро е секој да го има, да се разберат барем малку децата со аутизам.„

Овој прирачник опишува однесувања кои сме ги искусиле во моето семејство, и ги објаснува можните причини за таквите однесувања. Има и корисни алатки кои можат да ви помогнат подобро да соработувате со стручните лица кои работат со детето, и заедно со нив да ја подобрите поддршката што детето ја добива дома но и надвор од дома. Ако барате лек или сакате да го победите аутизмот овој прирачник не е за вас. Но, ако сте го прифатиле вашето дете и сакате да му помогнете во секојдневните предизвици, а притоа да гледате со оптимизам кон иднината, безрезервно го препорачувам!“

„Ова е одличен прирачник за родители, мајки како мене. Ми помогна да се запознам со алатки кои можам ги применувам во секој момент во нашето секојдневие. Добив многу идеи, што следно да правам заедно со моето дете, на игралиштето, во семејниот живот, и во соработка со градинката. Ви благодарам. Ова е вреден ресурс според мене. Со топол тон, дадени се објаснувања но и корисни примери. Не само што ги информира читателите туку исто така им дава чувство на надеж. Тие ќе сфатат дека децата со аутизам можат да живеат исполнет и среќен живот.“

„Овој прирачник според мене е задолжителен за секој родител на дете со аутизам. Содржи богатство на информации и дефинитивно е содржина на која можам да се навраќам многу пати. Ова е информативен прирачник кој е лесно читлив, затоа што работите не се премногу технички и стручно објаснети. Со помош на стратегиите и алатките во оваа книга, родителите ќе можат подобро да се поврзат со своето дете и да ги подобрат социјалните вештини, комуникацијата имитацијата и играта.“

„Се надевам дека ова мое мислење ќе допре до некој родител или до некој кој се грижи за дете со аутизам. Посакувам овој прирачник да ми беше даден кога мојот син беше дијагностициран. По седум години, јас можам да кажам дека одлично го познавам моето дете, но по читање на овој прирачник имам чувство дека конечно и некој друг ги разбира децата со аутизам. Секој треба да го прочита, особено оние кои се грижат за дете со аутизам, а посебно ако се обидуваат да го разберат нивното однесување.“

„Овој прирачник е информативен и има многу детални и конкретни информации. Јас мислам дека е многу корисен. Би ги издвоила примерите за тоа како треба да се справите со одредени ситуации, но исто така и делот за сензорните поинаквости и секако делот за тинејџерските години и сексуалноста. Иако има многу информации кои им се нови на голем дел од родителите, асистентите и наставниците, лесно е тие да се разберат, заради начинот на кој е напишан прирачникот. Ова е еден од најинформативните материјали кои ги имам сретнато во нашава држава. Сметам дека секој родител, наставник, асистент и сите оние кои се во допир со децата со аутизам, треба да го прочитаат како прва и основна домашна работа.“  

Прирачникот може бесплатно да се преземе на веб страната на Македонското научно здружение за аутизам на следниов линк.

Прирачник за родители на деца со состојби од аутистичен спектар и професионалци од нивниот круг на поддршка

Linkedin   
Whatsapp   

ПРЕДГОВОР

Состојбите од аутистичен спектар не престануваат да ја интригираат светската и домашна јавност пред сè поради зачестеноста во нивното појавување, поради нејасните механизми за појава на состојбата и, секако, уште повеќе поради непостоењето унифициран третман. Тешкотиите во сферата на социјалниот развој и остварувањето интеракција и комуникација со средината се сметаат за клучна вулнерабилност кај аутизмот. Тешкотиите во социјалното функционирање се најсилниот фактор што ја предвидува дијагнозата, но и прогнозата кај овие состојби. Во последната декада, истражувањата потврдуваат дека овие рани отстапувања во социјалниот развој придонесуваат за развој на широк спектар предизвици во учењето, што понатаму имаа негативно влијание врз целокупниот развој на детето и врз неговото приспособување во средината.

Нашето практично и теоретско искуство го негира сфаќањето дека децата со аутизам не се социјални или дека немаат желба за социјална интеракција и комуникација. Напротив, децата со состојби од аутистичниот спектар често не располагаат со вештини за секојдневно социјално однесување, па овие тешкотии треба да се препознаат и да се опфатат во една сеопфатна индивидуална програма. Со оглед на важноста на социјалните интервенции за децата со аутизам, императив за професионалците и родителите е да имаат пристап до ресурси посветени на социјалното однесување.

Прирачникот што е пред вас нуди различни пристапи, практики и сугестии базирани на докази за родителски вештини за деца и млади со аутизам. Важно е да се нагласи дека поради хетерогената природа на состојбите од аутистичен спектар, но и воопшто во однос на различните родителски стилови, не постои еден унифициран пристап. Имено, пристапи што се ефикасни кај едно дете, може да се несоодветни и/или неефикасни кај друго. Затоа овој прирачник треба да се третира како водич, имајќи ја предвид варијабилноста на успешноста на одреден пристап во зависност од детето. Сепак, принципите опишани од авторите можат да имаат широка примена и да им бидат од корист на голем број семејства на деца со состојби од аутистичниот спектар. Истовремено, овој прирачник е вредна алатка што ќе им користи на различни профили професионалци вклучени во поддршката на децата во нивната секојдневна работа. Освен семејствата, при конципирање на овој прирачник ги имавме на ум наставниците, специјалните едукатори и рехабилитатори, логопедите, психолозите, педагозите, медицинарите, негувателите во градинките, социјалните работници, личните и образовните асистенти, како и идните професионалци, како што се студентите од Институтот за специјална едукација и рехабилитација и многу други стручни профили кои ќе покажат интерес за оваа тема.

Прирачникот „Поддршка на социјалниот развој и позитивното родителство“ претставува прво вакво четиво објавено во земјава, и тоа на три јазици: македонски, англиски и албански. Во него се обработени 7 поглавја, со кои целосно се опфатени курикулумот за едукација на професионалци и родители и обуките реализирани во неколку јавни установи од социјалната заштита и преку серија виртуелни работилници и вебинари во периодот од јануари до јуни 2020 година. Воведниот дел, во кој се дадени основните карактеристики на ова первазивна состојба, е подготвен врз основа на материјалот изработен од проф. д-р Владимир Трајковски, користен за потребите на обуките. Второто поглавје ги опишува развојните аспекти на социјалните вештини и социјалната комуникација и најчестите предизвици со кои се соочуваат децата со аутизам. Во третото поглавје се дадени насоки за процена на социокомуникациските вештини и рамка за планирање на интервенцијата. Четвртото поглавје ги објаснува практиките базирани на докази и видовите пристапи во подучувањето на оваа ранлива категорија деца. Овие три поглавја се подготвени врз основа на материјалот користен за потребите на обуките, а изработен од м-р Ивана Василевска Петровска. Во петтото поглавје, големо внимание е посветено на начините и алатките за поддршка на детето, и тоа: организациска поддршка, социјалната поддршка, поддршката на комуникацијата и бихејвиоралната поддршка. Петтото поглавје е подготвено врз основа на материјали изработени од м-р Ивана Василевска Петровска и проф. д-р Владимир Трајковски, кои беа користени за потребите на обуките.

Во поново време се зголемува и нашето разбирање за огромното влијание на сензорната чувствителност кај состојбите од спектарот, па на оваа тема е пристапено од практичен аспект во шестото поглавје, кое е подготвено од проф. д-р Владимир Трајковски. Последниот дел, но не и најмалку важен, е сексуалниот развој и сексуалната едукација, неизоставно врзани со социјалното однесување на децата. Седмото поглавје е подготвено врз основа на материјалите искористени за потребите на обуките, а изработени од м-р Тања Станкова.

Прирачникот изобилува со голем број илустрации и примери од практиката што ќе бидат од голема помош за професионалците и родителите.

Ја изразуваме нашата благодарност до рецензентите м-р Радмила Стојковска Алексова и Ирена Лозана, за укажаните забелешки и вредни предлози за приближување на ракописот до неговите ценети читатели. Голема благодарност заслужуваат вработените во канцеларијата на УНИЦЕФ во Скопје и Владата на Обединетото Кралство за финансиската поткрепа на овој прирачник.

 Скопје, јули 2020 година

Авторите

Прирачникот  на три јазици со слободен пристам можете да го симнете на следниот ЛИНК.

Осми вебинар: Пристапи, стратегии и поддршка во социјалната интервенција за деца со состојби од аутистичниот спектар

Linkedin   
Whatsapp   

Почитувани колешки и колеги, драги родители

Со особена чест сакаме да ве поканиме на осмиот вебинар што ќе се одржи во четврток на 25 јуни со почеток во 12:00 часот во рамките на серијата вебинари што веќе подолго време ги одржуват членовите на Македонското научно здружение за аутизам. Вебинарите се дел од пректот: „Социјални вештини и позитивно родителство кај деца со АСН“, финансиски подржан од УНИЦЕФ МК и Амбасадата на Велика Британија во Македонија. Осмиот вебинар е со наслов: „Пристапи, стратегии и поддршка во социјалната интервенција за деца со состојби од аутистичниот спектар“, а ќе го реализира м-р Ивана Василевска Петровска, потпретседател на МНЗА. Модератор ќе биде Александра Карагирова, член на МНЗА.

Вебинарот е наменет за специјални едукатори и рехабилитатори, психолози, наставници, студенти, родители и сите кои се заинтересирани за оваа област.

Доколку сакате да учествувате повелете регистрирајте се на следниот ЛИНК. Втората опција е да го следите преку официјалнит Јутјуб канал на Macedonian Scientific Society for Autism.

ИО на МНЗА

Шести вебинар: Развојни аспекти на социјалните вештини и предизвици кај аутизмот

Linkedin   
Whatsapp   

Почитувани колешки и колеги, драги родители

Имаме чест да ве поканиме на шестиот вебинар што ќе се одржи во четврток на 11 јуни со почеток во 12:00 часот во рамките на серијата вебинари што веќе ги одржуват членовите на Македонското научно здружение за аутизам. Вебинарите се дел од пректот: „Социјални вештини и позитивно родителство кај деца со АСН“, финансиски подржан од УНИЦЕФ МК и Амбасадата на Велика Британија во Македонија. Шестиот вебинар е со наслов: „Развојни аспекти на социјалните вештини и предизвици кај аутизмот“, а ќе го реализира м-р Ивана Василевска Петровска, потпретседател на МНЗА. Модератор ќе биде Весна Филиповска, секретар на МНЗА.

Вебинарот е наменет за специјални едукатори и рехабилитатори, психолози, наставници, студенти, родители и сите кои се заинтересирани за оваа област.

Повелете регистрирајте се на следниот ЛИНК.

ИО на МНЗА

Одржана првата обука од АСП проектот

Linkedin   
Whatsapp   

Почитувани читатели,

Сакаме да ве известиме дека на 9 и 10 ноември 2019 година МНЗА ја одржана првата обука во рамките на АСП проектот во Центарот за аутизам во Топанско поле. Проектот е со финансиска поддршка од УНИЦЕФ и амбасадата на Кралството на Велика Британија во Скопје. Програмата за социјални вештини и позитивно родителство е системска интервенција од која е од поголема помош за семејствата со аутизам. Во првата фаза од овој проект се едуцираат професионалците, а во втората родителите на децата со аутистичен спектар на нарушувања. Во првиот викенд професионалците се здобија со следните знаења:

Вовед во аутистичниот спектар на нарушувања;

Визуелна поддршка на учењето;

Позитивни пристапи кон сексуалниот развој и едукација;

Управување со сензорната чувствителност;

Позитивни пристапи кон социјалниот развој, комуникација и интеракција;

Разбирање и управување со предизвикувачкото однесување.

За две седмици продолжуваат обуките и професионалците ќе добијат знаења за социјалните вештини, социјалните приказни и како да ги подобрат социјалните однесувања на своите клиенти. Во продолжение проследете слики од настанот.

Претседател на МНЗА