Сертифицирање на аутизам пријателски места

Linkedin   
Whatsapp   

Почитувани директори на основните и средните училишта,

Македонското научно здружение за аутизам (МНЗА) и партнерите од Autism Friendly Spaces конзорциумот, го креираа Autism Friendly системот за сертификација на јавни институции, приватни компании и граѓански организации кои умеат да покажат повисока општествена одговорност, свесност и разбирање и се подготвени да направат одредени прилагодувања за да бидат попристапни за лицата и децата со аутизам.

Во оваа прилика, Ве покануваме да бидете дел од првите сертифицирани Autism Friendly места во Европа.

За нас, училиштата имаат посебно значење во оваа иницијатива, затоа што прилагодениот (autism friendly) училишен простор, кој учениците го посетуваат секојдневно, ќе донесе значајни придобивки за нив. Од друга страна, училиштата кои се стремат да бидат инклузивни, или ги поддржуваат инклузивните вредности, имаат обврска да обезбедат еднакви услови за развој на сите ученици. Поради ова, сметаме дека инклузивните основни општински училишта, како и основните училишта со ресурсен центар, можат да имаат стратешки и развоен интерес да се вклучат во оваа важна иницијатива.

Сертификацијата е бесплатна и им овозможува на различните ентитети да го добијат Autism Friendly сертификатот, како знак на препознавање, кој може да се постави на веб страна и социјални медиуми.  Со добивање на сертификатот, организацијата ќе биде поставена на мапата на Autism Friendly места на autismfriendlyspaces.eu  и на мобилната апликација достапна на Google Play. Првите сертифицирани организации може да учествуваат на националната промоција на Системот за сертификација во организација на МНЗА, како и на европската промоција во организација на Autism – Europe од Белгија.

Што е потребно за да се добие сертификатот?

  1. Да се назначи најмалку двајца вработени во организацијата како Аутизам амбасадори, кои ќе се запознаат подетално со темата преку неколку внимателно дизјнирани онлајн модули и ќе се стекнат со сертификат за завршена обука. Обуката е асинхрона, така што следењето на модулите може да се прилагоди на временските можности и тековните обврски.
  2. Во координација со Аутизам амбасадорите, потребно е организацијата да направи одредени прилагодувања во однос на пристапноста на физичкиот простор и информациите, со цел да понуди услови прилагодени за учениците со аутизам.

Прилагодувањата се доста широки и зависат во голема мера од самиот простор, како и од можностите и ограничувањата на организацијата, во рамката на разумни прилагодувања, согласно КПЛП. Во публикацијата ИО2 – Критериуми во прилог на оваа покана, одвоивме неколку примери на типични прилагодувања кои се применливи во училишен простор. Македонското научно здружение за аутизам Ви стои на располагање, во рамки на својата експертиза, за консултации и фасцилитирање на процесот на прилагодување на просторот, како и пристапноста до информации за учениците со аутизам.

Доколку ја препознавате вредноста на оваа иницијатива, и сте заинтересирани да се вклучите, Ве молиме контактирајте ја м-р Ивана Василевска Петровска, на оваа е-пошта: vicepresident@mssa.org.mk.

Потпретседател на МНЗА

Повик до општествено одговорните организации за помош на лица со аутизам

Linkedin   
Whatsapp   

Почитувани,

Македонското научно здружение за аутизам ги повикува сите општествено одговорни фирми, компании, музеи, ресторани, кино сали, маркети, да ни се придружат во кампањата „Аутизам пријателски места“, да ги направиме овие организации попријателски и прилагодени за секојдневното функционирање на децата и лицата со #аутизам.
Вклучувањето во овој проект не подразбира никакви посебни финансиски импликации за овие организации.
Потребно е само:
1. Да се има добра волја да се помогне;
2. Да се одреди едно лице кое ќе биде одговорно за овој проект и тоа лице ќе треба да помине кус и лесен курс на веб страницата: https://autismfriendlyspaces.eu/
3. Потребно е овие организации да имаат едно темно и мирно место кое би им послужило доколку едно дете или лице добие предизвикувачко и неприлагодено однесување, до оној момент додека се смири.
4. Сите кои ќе се вклучат ќе добијат НАЗНАКА дека се пријателски места за аутизмот и ќе влезат на европската мапа на Гугл мапи.
Сите заинтересирани организации ги молиме да го изразат својот интерес на следната е-пошта: president@mssa.org.mk
Ви благодариме на соработката!
Претседател на МНЗА

Индивидуално насочено планирање кај лица со АСН

Linkedin   
Whatsapp   

Почитувани,

Во вторник на 22 јуни на платформата ЗУМ почнуваме со обуките кои ви ги ветивме минатиот месец. Тоа ќе бидат 5 модули од кои за 3 ќе ви бидат обезбедени вебинари, а другите два ќе ги учите самостојно. Се пријавија 46 учесници, а списокот за пријавување е затворен. Иако предвидениот број требаше да биде 20-25, ние направивме отстапка и дозволивме да учествуваат 46 учесници кои за да добијат сертификат мора да бидат присутни на сите 3 вебинари. Во прилог агендата за првиот модул.

Претседател на МНЗА

 

МНЗА започнува со тренинг обуки за индивидуално насочено планирање кај АСН

Linkedin   
Whatsapp   

Почитувани колешки и колеги, образовни асистенти, студенти и родители на деца со АСН,

МНЗА од 2018 година го спроведува проектот: „Индивидуално насочено планирање кај аутизам“ (2018-1-EL01-KA204-0047788) кој спаѓа во КА2 Еразмус плус програмата од Европската Комисија заедно со следните партнери:

  • Schoala Gimnazialia Smaranda Gheorghiu – Romania
  • Maendeleo for Children APS – Italy
  • Parvi Nationalen Centar po Dyslexia – Bulgaria
  • DADAA – Greece
  • ShipCon – Cyprus
  • Cyclisis – Greece (Coordinator).

Во рамките на овој проект МНЗА во јуни ќе организира онлајн обуки и плус самостојно учење на кандидатите кои ќе се пријават.

Учеството на обуките е бесплатно!

Времетраењето на обуките ќе биде 20 часа, од кои 12 часа онлајн обуки и 8 часа самостојно учење со наша поддршка.

Предавањата ќе ги изведува тимот на МНЗА.

Сите учесници ќе добијат сертификати за присуство со аналитички опис на модулите и резултатите од учењето.

Вебинарите се наменети за:
• Родители / браќа и сестри / старатели или општ круг на поддршка на аутистични лица, како и на аутистични лица кои сакаат да учествуваат;
• Едукатори, советници и / или волонтери во училишта или образовни организации;
• Олеснувачи, негуватели или лица кои размислуваат да ги преземат овие улоги во иднина;
• Претставници од организации, невладини организации;
• Студенти и постдипломци од ИСЕР, педагогија, психологија, социјална работа итн;
• Луѓе кои знаат аутистично лице и сакаат да научат повеќе, како и оние кои генерално се заинтересирани за оваа тема.

Учесниците ќе имаат ран пристап до целиот едукативен материјал и можат слободно да го користат во согласност со нивните потреби или институцијата во која припаѓаат. Учеството на првата и последната сесија е задолжително за добивање на потврда за присуство. Останатите сесии можат да да се реализира преку самостојно учење.

Сите кои се заинтересирани за учество се повикуваат да го пополнат формуларот за регистрација најдоцна до 20.05.2021 година, проверувајќи ги модулите и да заокружат два модули кои сакаат да ги слушаат преку онлајн обуки, а последниот е задолжителен за проценка на материјалот за обука, дискусија и можно вмрежување на учесниците меѓу нив. Обуките имаат за цел да ја поддржат интеракцијата на учесниците, така што учеството е важен аспект. Бројот на учесници е ограничен на 25 и прифаќањето ќе биде по принципот прв пријавен, прв услужен.

Модулите опфаќаат низа предмети поврзани со аутизмот што се однесуваат на специфични карактеристики и однесување, методологијата за планирање насочена кон личноста, како и процесите на вклучување и интеграција на аутистични лица во континуирана едукација.

Обуките ќе се одржат во месец јуни, а за ш точните датуми дополнително ќе бидете известени преку е-пошта. Во еден ден обуката може да трае најмногу 4 часови.

МНЗА

Завршен извештај за проект од Комерцијална банка-Скопје

Linkedin   
Whatsapp   

Почитувани колешки и колеги, драги родители на деца со АСН

Чувствувам потреба како транспарентен човек да споделам делови од завршниот извештај што го поднесов до финансиерот на проектот „Родителите не ги оставаме сами“ Комерцијална банка АД Скопје. Во продолжение извадоци:

Македонското научно здружение за аутизам е прво вакво здружение кое редовно комуницира со семејствата и добро ги познава проблемите со кои се соочуваат при што на разни начини се бараат решенија за нивно надминување. Врз основа на контактите, спроведените научни истражувања и состојбите на теренот, веќе подолго време произлегува потребата за подобар начин на информирање, почести средби на тематски вебинари поврзани со аутизмот, креирање на материјали за поддршка, како и психосоцијална поддршка на семејствата на децата со аутизам и пошироката заедница. МНЗА работи 21 година на подигнување на свесноста за АСН и подобрување на квалитетот на живот на семејствата кои имаат деца и лица со АСН.

Целта на овој проект беше да се направат онлајн советодавни прегледи на децата со АСН, да се направат обуки и едукација на родителите за проблемите и потребите со кои се среќаваат децата со аутистичен спектар на нарушувања и да се креираат материјали кои ќе можат слободно да се симнуваат од веб страницата на МНЗА.

Програмата за обука беше дизајнирана да им обезбеди на учесниците сеопфатно запознавање и информации за понатамошно развивање на нивните вештини, методите и етиката поврзани со процесот на едукација на децата со АСН.

Целокупната програма за обука беше реализирана преку шест модули:

  1. Проблеми во исхрана и спиење кај аутистичен спектар на нарушувања проф. д-р мед. Владимир Трајковски
  2. Поттикнување на самостојноста и разбирањето кај деца со аутизам м-р Ивана Василевска Петровска
  3. Интерактивни игри за развој на основните социјални вештини кај децата со АСН Весна Филиповска
  4. Нутриција и ментално здравје кај деца со аутистичен спектар на нарушувањапроф. д-р мед. Владимир Трајковски
  5. Поттикнување на комуникацијата и социјалниот развој кај деца со аутизам м-р Ивана Василевска Петровска
  6. Интерактивни активности за развој на социјалната комуникација кај деца со аутизам Весна Филиповска

 

 ИМПЛЕМЕНТАЦИЈА

 Обуки преку вебинари

Програмските модули за обука беа реализирани во периодот од март 2021 до април 2021 година. Во текот на периодот на спроведување на обуката беа испорачани 4 вебинари (по 2 во секој циклус со време траење од 4 часа, три модули во првиот и три модули во вториот ден). Бројот на учесници по циклус на обука беше од 10 до 30 родители.

Во месец март 2021 година беа реализирани два вебинари:

  • На 5 март со 30 учесници
  • На 10 март со 26 учесници

Во месец април 2021 година беа реализирани два вебинари:

  • На 2 април со 18 учесници
  • На 7 април со 10 учесници.

Во реaлизацијата на 6-те програмските модули, односно 4-те вебинари, учествуваа вкупно 84 родители. За сите вебинари постојат фотографии кои може да се најдат на Фејсбук страницата на здружението https://www.facebook.com/MSSAutism.

 Третмани на деца со АСН

Третманите на децата со АСН беа изведени во два приватни центри за стимулација и развој и тоа во „Гаспар“ од Скопје и „Старс“ од Велес во периодот март-април 2021 година.

Во „Гаспар“ центарот беа изведени 20 неурофидбек третмани, 5 логопедски третмани и 25 дефектолошки третмани на вкупно 5 деца.

Во „Старс“ центарот беа изведени 60 дефектолошки третмани и тоа на 5 деца по 12 часови.

Дијагностичко консултативни и советодавни прегледи

Во периодот од јануари до април 2021 година проф. д-р Владимир Трајковски направи дијагностичко консултативни и советодавни прегледи на 25 деца со АСН преку онлајн програмот Скајп. Прегледите беа во времетраење од 30 до 60 минути зависно од дете до дете. За сите постои документација со фотографија од прегледот. Беше констатирана или потврдена дијагнозата АСН. Беше посочен биомедицински третман и други битни совети за подобра рехабилитација. Во текот на сите прегледи беше пружена и психосоцијална поддршка на семејствата како и охрабрување со насоки за понатамошен третман.

Изработка на отворени образовни ресурси (ООР) и материјали за поддршка на деца и лица со аутизам

Во периодот од јануари до април 2021 година м-р Ивана Василевска Петровска и Весна Филиповска изработија отворени образовни ресурси (ООР) и материјали за поддршка на деца и лица со аутизам кои се прикачени на веб страницата на МНЗА и може слободно да се симнуваат, да се гледаат и да се користат.

М-р Ивана Василевска Петровска ги заврши следните задачи:

  1. Подготовка на едитабилни визуелни распореди во дигитална форма – 4 документи
  2. Подготовка едитабилни табли за избор во дигитална форма – 3 документи
  3. Подготовка на едитабилни токен системи во дигитална форма – 4  документи
  4. Изработка на интерактивна игра за препознавање емоции кај други – 1 документ
  5. Изработка на интерактивна игра за увежбување на гестот за покажување – 1 документ
  6. Изработка на едитабилни социјални приказни во дигитален формат – 10 документи
  7. Изработка на видео упатства за секој тип на материјали – 15 видео записи.

Весна Филиповска ги заврши следните задачи:

  1. Изработка на едитабилни социјални приказни во дигитален формат – 11 документи
  2. Активност за препознавање емоции кај себе во дигитален формат – 1 документ
  3. Подготовка на визуелен распоред за социјална игра, во дигитален формат – 1 документ
  4. Подготовка на визуелни знаци во дигитален формат – 1 документ
  5. Подготовка на визуелен распоред за анализа на задача, дигитален формат – 1 документ
  6. Изработка на видео упатства за секој тип на материјали – 15 видео записи.

 

ЗАКЛУЧОЦИ

            Од изведените 4 обуки, како и од анализата на коментарите на родителите може да се изведат следните заклучоци:

  • Кај родителите постоеше ниско ниво на познавање на проблематиката на аутистичниот спектар на нарушувања (АСН);
  • Кај нив постоеше голем интерес за добивање на нови информации поврзани со проблемот;
  • Повеќе од оправдано е спроведувањето на овој проект бидејќи родителите добија доста корисни теоретски и практични инфомрации поврзани со АСН, добија совети за третман и рехабилитација на нивните деца, добија отворени образовни ресурси кои можат да ги симнат слободно во секое време и секако некои од нив добија бесплатни третмани во двата горенаведени центри;
  • Аутистичниот спектар на нарушувања претставува сериозен ментално здравствен, образовен, финансиски и социјален проблем во Македонија и затоа треба да биде национален приоритет.

 

ПРЕДЛОЗИ

            Врз основа на изнесените заклучоци, МНЗА ги дава следните предлози:

  • Неопходна е доедукација за АСН на сите родители на деца со АСН;
  • Се укажува потреба од понатамошна соработка меѓу општествено одговорни компании и Македонското научно здружение за аутизам;
  • Ќе биде од огромно значење ако и другите општествено одговорни компании го следат примерот на Комерцијална банка АД Скопје и поддржат вакви слични проекти;
  • Потребна е интензивна соработка меѓу приватниот сектор, НВО секторот и ресорните министерства со цел подобра специјална едукација и рехабилитација на оваа категорија ранливи деца;
  • На државно ниво неопходно е креирање на национален регистер за АСН и градење на национална стратегија за деца и лица со АСН.

Претседател на МНЗА

Напомени за вебинарот со д-р Мануел Казанова

Linkedin   
Whatsapp   

Почитувани колешки и колеги, студенти, драги родители на деца со АСН

Како што веќе беше знаете, минатиот понеделник реализиравме вебинар со проф. д-р Фред Волкмар и истиот помина одлично. Во понеделник на 26 април гостин ни е д-р Мануел Казанова во 18:00 часот. Постоеше огромен интерес и заради тоа не сме во можност на сите да им обезбедиме ЗУМ линк. Во текот на викендов секретарката на здружението на сите што се одредени да го следат вебинарот преку ЗУМ ќе им испрати линк. Ве молиме да НЕ го споделувате линкот со други лица, заради точно ограничениот број од 100 лица на платформата. Ве молиме да се приклучите на вебинарот најдоцна до 17:55 часот. Притоа вашите микрофони и камери да бидат исклучени за цело време на презентацијата. На крајот од предавањето ќе има дозволено прашања и дискусија и тогаш ќе можете да се вклучите со аудио и видео или да поставите прашање преку четот.

Сите останати кои сакаат да го следат вебинарот во живо, а нема да ја имаат таа можност да го следат преку ЗУМ, ќе може тоа да го сторат преку официјалниот Јутјуб канал на МНЗА и официјалната Фејсбук страница на МНЗА.

За третиот вебинар со Паула Бартоломеус што ќе се одржи на 10 мај има уште 4 места останато на ЗУМ. Пријавувањето е задолжително преку Гугл формуларот.

Ви благодариме на довербата.

Со почит,

МНЗА

Напомени за вебинарот со проф. д-р Фред Волкмар

Linkedin   
Whatsapp   

Почитувани колешки и колеги, студенти, драги родители на деца со АСН

Како што веќе беше претходно објавено, наредниов период започнуваме со серијата вебинари – светските експерти за аутизмот од престижни универзитети. Во понеделник на 19 април гостин ни е проф. д-р Фред Волкмар во 18:00 часот. Постоеше огромен интерес и заради тоа не сме во можност на сите да им обезбедиме ЗУМ линк. Во текот на утрешниот ден (недела) секретарката на здружението на сите што се одредени да го следат вебинарот преку ЗУМ ќе им испрати линк. Ве молиме да не го споделувате линкот со други лица, заради точно ограничениот број од 100 лица на платформата. Ве молиме да се приклучите на вебинарот најдоцна до 17:55 часот. Притоа вашите микрофони и камери да бидат исклучени за цело време на презентацијата. На крајот од предавањето ќе има дозволено прашања и дискусија и тогаш ќе можете да се вклучите со аудио и видео или да поставите прашање преку четот.

Сите останати кои сакаат да го следат вебинарот во живо, а нема да ја имаат таа можност да го следат преку ЗУМ, ќе може тоа да го сторат преку официјалниот Јутјуб канал на МНЗА и официјалната Фејсбук страница на МНЗА.

За вториот вебинар со проф. д-р Мануел Казанова што ќе се одржи на 26 април има уште многу малку места останато на ЗУМ. Пријавувањето е задолжително преку Гугл формуларот.

Ви благодариме на довербата.

Со почит,

МНЗА

МНЗА нуди обуки и работилници

Linkedin   
Whatsapp   

Почитувани колешки и колеги, родители на деца со АСН, драги студенти,

Членовите на Македонското научно здружение за аутизам во својата скоро 21 годишна практика имаат одржано многу предавања, семинари, обуки, работилници, вебинари и слично. Затоа на пошиорката стручна и научна јавност сакаме да им ги понудиме следните модули кои можете сами да си ги организирате и да ги нарачате во групи. Додека трае пандемијата со Ковид-19 тие би биле реализирани само како вебинари. Потоа можеме да организираме обуки и работилници и со физичко присуство. Темите кои ги нудиме се следните:

  1. Вовед во аутистичен спектар на нарушувања;
  2. Специјална едукација и рехабилитација кај деца со аутистичен спектар на нарушувања;
  3. Окупациона терапија кај деца со аутистичен спектар на нарушувања;
  4. Социјална поддршка кај деца со аутистичен спектар на нарушувања;
  5. Психолошка поддршка кај деца со аутистичен спектар на нарушувања;
  6. Методи и интервенции базирани на докази во специјалната едукација на аутистичен спектар на нарушувања;
  7. Визуелна поддршка и структурирано подучување во училницата;
  8. Социјално – наративниот метод во поддршката на децата со аутистичен спектар на нарушувања: социјални приказни, социјални скрипти, видео моделирање;
  9. Развој на социјални вештини кај децата со аутистичен спектар на нарушувања – креирање и имплементација на едукативна интервенција;
  10. Управување со предизвикувачкото однесување;
  11. Управување со сензорните нарушувања: процена на причините и стратегии за поддршка;
  12. Сексуален развој, сексуална едукација кај деца со аутистичен спектар на нарушувања;
  13. Проблеми во исхраната кај деца со аутистичен спектар на нарушувања;
  14. Проблеми во спиењето кај деца со аутистичен спектар на нарушувања;
  15. Нутриција и ментално здравје кај деца со аутистичен спектар на нарушувања;
  16. Генетско тестирање и генетско советување кај аутистичен спектар на нарушувања;
  17. Медицински и здравствени аспекти кај лица со аутистичен спектар на нарушувања;
  18. Биомедицински третман кај аутистичен спектар на нарушувања;
  19. Натуралистички, развојни и бихејвиористички пристапи во едукативните интервенции за децата со аутизам;
  20. Ефективен бихејвиорален план за поддршка за ученикот со аутизам, базиран на анализа на причините и функцијата на проблематичното однесување;
  21. Превенција на аутистичен спектар на нарушувања.

Оваа листа на модули не е конечна и може во иднина да биде проширена со други теми и содржини. Модулите се наменети за специјални едукатори и рехабилитатори, психолози, педагози, социјални работници, доктори по медицина, студенти, родители на деца со АСН и нивните семејства и сите други кои ќе покажат интерес од оваа тематика.

Предавачи на модулите се: м-р Ивана Василевска Петровска, м-р Тања Станкова, м-р Фики Гаспар, Весна Филиповска, Стојан Андонов, Александра Карагирова, вонр. проф. д-р Владимир Илиевски и проф. д-р Владимир Трајковски.

Ги очекуваме вашите пријави.

Со почит,

Претседател на МНЗА

МНЗА започна со реализација на новиот проект во соработка со Општина Карпош

Linkedin   
Whatsapp   

Почитувани колешки и колеги,

Со особено задоволство сакаме да ве известиме дека МНЗА започна со реализација на проектот: „Зајакнување на капацитетите кај професионалците за проблемите и потребите на децата со аутистичен спектар на нарушувања, во предучилишните и училишните установи“ со финансиска поддршка од општината Карпош, Скопје. Првата обука се реализираше со вработените од градинката „Пролет“ на 22 и 23 декември 2020 година преку платформата ЗУМ. Во обуката учествуваа околу 70-тина учесници од оваа предучилишна установа од територијата на општината Карпош.

Цели на проектот:

  • Вработените во погореспоменатите предучилишни и училишните установи во Општина Карпош – Скопје ќе се запознаат со сите аспекти на аутизмот како проблем во општеството, на семејството и на институциите (детекција, дијагностика, едукација, современи методи на пристап при третманот на аутизмот, адаптација на просторот и материјалите за работа, како и социјалната заштита на лицата со АСН).
  • Планирање на развој на услуги кои им се потребни на децата со аутизам и нивните семејства со кои би им се подобрило функционирањето во општествената заедница и соработка заради задоволување на индивидуалните потреби на детето со аутизам и семејството.
  • Донесување заклучоци за идните насоки на делување, преку комуникација и размена на искуства меѓу родителите и дружење на родителите и децата со одржување на заеднички средби.

 Целна група, целно подрачје и локација:

  • Целната група се вработените во погореспоменатита пет предучилишни и пет училишни установи, децата  и родителите.
  • Целно подрачје и локација е општина Карпош.
  • Со проектот се очекува да се зголеми јавната свест, знаењата и информираноста за инклузија на деца со аутизам,  поддршка на нивните семејства и нивните права, а преку обезбедување на дидактички материјали да се зголеми квалитетот на третманот на децата со аутизам.

Предавачи на обуката беа:

  • Проф. д-р Владимир Трајковски – Вовед во аутистичен спектар на нарушувања (АСН)
  • Стојан Андонов, дипломиран окупационен терапевт – Окупациона терапија кај деца со АСН
  • Александра Карагирова, дипломиран специјален едукатор и рехабилитатор – Специјална едукација кај деца со АСН
  • Вонр. проф. д-р Владимир Илиевски – Социјална поддршка кај децата со АСН

Сите учесници на обуката ќе добијат електронски сертификат за учество на 8 часовна обука од страна на МНЗА. Доколку сте заинтересирани да погледнете слики од настанот повелете кликнете ОВДЕ.

Им благодариме на учесниците од градинката „Пролет“ за интересот што го покажаа. Исто така благодариме на целата администрација на општината Карпош, како и на советниците кои го препознаа овој проект и решија да го финансираат.

Претседател на МНЗА

Прашалник за достапност на јавни простори за лица со аутизам

Linkedin   
Whatsapp   

Почитувани родители на АСН, колешки и колеги,

Во рамките на AFS проектот кој го спроведуваме во рамките на Еразмус плус програмата, заедно со колеги од Малта, Шпанија, Аутизам Европа го креиравме следниот Прашалник за достапност на јавни простори за лица со аутизам кој е креиран на платформата SurveyMonkey. Ве молиме одвоите 3 минути од вашето драгоцено време во пополнување на истиот, а резултатите ќе ни бидат од голема корист во развивање на алатки, кои пак ќе бидат од огромна корист за лицата со аутистичен спектар на нарушувања во Македонија.
Ви благодариме на соработката!
Претседател на МНЗА