На 10.06.2023 година Фондот за население на Обединетите нации (United Nations Population Fund – UNFPA) одржа обука за Сексуално и репродуктивно здравје и Родово базирано насилство (СРЗ и РБН), наменета за лица со попреченост и организации на лица со попреченост. Учесниците ја следеа обуката во просториите на ООН во Скопје и онлајн. На обуката учествуваше и Македонското научно здружение за аутизам (МНЗА) со свој претставник.
Обуката беше организирана во осум модули.
На почетокот, Нермина Факовиќ, претставник од Министерството за здравство ги презентираше меѓународните стандарди за зајакнување на одговорот на родово базираното насилство (РБН). Наведена беше и улогата на здравствените установи/работници во одговорот на РБН како и бариерите за здравствена заштита при РБН. Истакнато беше дека пристапот за обезбедување здравствени услуги при РБН треба да биде: родово чувствителен, фокусиран на жртвите и базиран на човековите права. Се претпочита да биде организиран во вид на интегриран одговор во постојните услуги, наместо во вид на самостојни, посебни услуги, особено во средини со ограничени ресурси.
Потоа, специјалниот едукатор/рехабилитатор Ангела Николовска зборуваше за сексуалноста кај лицата со попреченост, пристапите до информации и потребата за образование за сексуалноста и сексуалното здравје кај овие лица.
Наде Тофоска, социјален работник од Клиниката за гинекологија и акушерство, продолжи понатаму наведувајќи ги сексуалните и репродуктивните права на лицата со попреченост и најчестите начини на нивно кршење: наметната и/или присилна стерилизација, наметната/изнудена контрацепција, негирање на мајчинството, родителството и родителските права и сексуално и родово базирано насилство. Таа ги прикажа и бариерите со кои лицата со попреченост се соочуваат во пристапот до услугите за сексуално и репродуктивно здравје и последиците: непланирана бременост и неповолни исходи при раѓање, мајчински морбидитет и морталитет, сексуално преносливи инфекции, физичка и сексуална злоупотреба и силување, принудни здравствени практики и медицински процедури, ограничување и непочитување процедури, проблеми со менталното здравје. Беше прикажан примерот на Центарот за упатување на жртви на силување во рамките на Клиниката за гинекологија и акушерство.
На клиничките аспекти на сексуалното и репродуктивното здравје (СРЗ) кај лицата со попреченост се осврна доц. д-р Миле Тантуровски. Се дискутираше за специфичните влијанија на попреченоста врз сексуалното и репродуктивно здравје, како и специфичните тешкотии со остварувањето на потребите од СРЗ со кои овие лица се соочуваат, на пр. во врска со половиот развој, планирањето на семејство, бременост, породување, гинеколошко здравје и превенција. Тој посебно обрна внимание на потребата од специјалистичка интердисциплинарна здравствена грижа, фокусирана на потребите на лицето со попреченост и на колаборативно донсување одлуки, поради специфичноста на состојбата, можните коморбидни состојби и хронични медикаментозни терапии.
На крајот, Ангела Николовска даде повеќе предлози и совети за подобра комуникација со лицата со попреченост во врска со сексуалното и репродуктивното здравје.
Скопје, 10.06.2023
Подготвила:
Ирена Стојановска