Facebook
Linkedin
Email
Whatsapp
Што е аутизам?
Аутизам е первазивна, невролошка и развојна состојба која што зафаќа 1 до 2% од популацијата. Да разјасниме малку, первазивна значи дека аутизмот го зафаќа скоро секој дел од човекот: неговата личност, неговите искуства, спомените или како тој растел, начинот на кој комуницира, начинот на кој мисли и на кој се движи. Невролошка, значи дека кај аутизмот е засегнат мозокот. Кај аутистичните луѓе мозокот функционира поинаку. Развојна, значи дека аутизмот се јавува во периодот на развој, најчесто пред раѓањето, а најдоцна до 3 годишна возраст. Аутизмот не е болест. Не е нешто со што можеш да се заразиш или да го пренесеш. Не е нешто што можеш да го поправиш или излечиш. Аутистичните луѓе се раѓаат аутистични, живеат со аутизмот и со поддршка од нивните семејство, пријатели и сакани може да живеат како среќни и здрави аутистични луѓе.
Кои се основните аутистични особини?
Сите аутистични луѓе се различни, но постојат неколку нешта кои се заеднички за сите. Аутистичните луѓе често ги процесираат информациите на различен начин. Ние (аутистичните луѓе) го гледаме светот, поинаку од луѓето без аутизам. Аутистичните луѓе може да имаат различни јазични способности. Некои луѓе тврдат дека нивните мисли се визуелни, тие не размислуваат со зборови, туку со слики или со апстрактни чувства. Сите аутистични луѓе имаат атипични сетилни искуства. Тие може да имаат зголемена или намалена осетливост на некои сетилни информации од средината или од нивното тело.
Аутизмот, исто така, влијае на начинот на кој лицето се движи. Многу аутистични луѓе имаат моторна диспраксија, состојба во која мозокот знае што треба да прави, но постои некаков прекин во комуникацијата помеѓу мозокот и телото. Ова резултира со неспретност, проблеми во фината моторика како што се врзување врвки на патиките, и пишување. Некои луѓе имаат проблеми со контролата на големите мускули, како при возење велосипед, одржување на рамнотежа, или шутирање топка.
Аутистичните луѓе, исто така, прават нешто кое се нарекува стиминг. Тоа е познато и како само-стимулација, стереотипни или репетитивни однесувања. Постојат многу различни видови на стиминг како мавтање со рацете особено кога се возбудени или вознемирени, клатење напред-назад или лево-десно, мрдање со прстите, вртење на косата, џвакање на дел од облеката или предмет, како и визуелен стиминг со мрдање на прстите (или некој предмет) пред очи. Друг начин е вокалниот стиминг како што се повторување на омилен збор или пеење. Стимингот е едно од најочигледните аутистични однесувања, заради тоа што аутистичните луѓе немаат заеднички физички особини, па аутизмот често е невидлива попреченост.
Некои аутистични луѓе, околу 2 од 10 луѓе (според ASAN), никогаш не развиваат говор, но тоа не значи дека немаат што да кажат. Луѓето со аутизам кои се невербални имаат вербална апраксија, вид на моторна диспраксија во која постои неповрзаност помеѓу мозокот и устата. Тие може да комуницираат со алтернативни начини на комуникација како што се апликации кои го трансформираат текстот во говор, покажување на табла или знаковен јазик. Алтернативната комуникација им овозможува да се само-застапуваат, да зборуваат со луѓето околу нив, да кажат што мислат или сакаат, или како се чувствуваат, едноставно да комуницираат, кое е основно човеково право и секој треба да има можност да комуницира.
Дали аутизмот е попреченост?
Аутизмот е различен начин на функционирање на мозокот, но истовремено е и нарушување. Аутистичните особини се често придружени со оштетувања, како што е егзекутивната дисфункција. Заради тоа, процесите или задачите од повеќе чекори можат да бидат тешки за аутистичните луѓе. Луѓето со аутизам кои процесираат сензорни и социјални информации на нетипичен начин, може да не го разбираат значењето на тие информации, што им предизвикува проблеми при комуникација со невротипичните луѓе. Тешкотиите во комуникацијата не се исти кај сите аутистични луѓе. Некои од нив имаат тешкотии со контактот со очи, други да го разберат сарказмот или лицевите експресии но сите имаат некој вид на јазични или комуникациски разлики. Моторната диспраксија и проблемите во фината моторика, исто така, се сметаат за нарушувања. Нарушувањето на сензорното процесирање знае да биде многу исцрпувачко во општество кое е многу гласно, многу брзо и многу светло, кое е наменето за луѓе со типични сензорни искуства, а тоа не ги вклучува луѓето со ова нарушување.
Како да им помогнеме на луѓето со аутизам?
Кога некој има попреченост, оштетување, ги нема истите можности како и луѓето без попреченост, па прилагодувањата можат да го променат тоа. Прилагодувањата што се потребни за аутистични луѓе можат да бидат:
- обезбедување пристап до алтернативна и поддржана комуникација;
- разбирање на нивните поинакви сензорни потреби, и прифаќање на начините на кои тие се справуваат со своите сензорни потреби како носење очила за сонце во затворен простор, носење слушалки за да ги избегнат гласните звуци, или стиминг кога се соочуваат со непријатни сетилни информации;
- креирање и/или прилагодување на места кои се пријателски за аутистичните луѓе.
Она што може вие да го направите за аутистичните луѓе е да не заборавате дека пред се тие се луѓе. Аутистичното постоење не е погрешно, само е различно, но тоа не значи дека е помалку валидно. Како и другите луѓе со попреченост, така и аутистичните луѓе ги заслужуваат истите права и можности кои ги имаат невротипичните луѓе. Луѓето со аутизам заслужуваат пристап до исто ниво на едукација и исти можности за вработување како и сите останати луѓе.
Извор: Ask an Autistic #23 – What is Autism?, Аметист Шабер, лице со аутизам
ИО на МНЗА