МНЗА се придружи во кампањата за #WAAD2019 заедно со Аутизам Европа

Почитувани колешки и колеги,

Уште пред три седмици МНЗА се придружи на кампањата за одбележување на светскиот ден на аутизмот 2 април заедно со Аутизам Европа. Ги преведовме на македонски јазик нивните материјали кои се достапни на нивната веб страница. Алатките за кампањата можете да ги преземете од следниот линк.

Светскиот ден на аутизмот е прогласен од Генералното Собрание на Обединетите Нации во 2007 година како ден на кој треба да се посвети внимание на ургентните потреби на лицата со аутизам ширум светот. МНЗА овој ден го одбележува од 2011 година.

Се претпоставува дека 7 милиони луѓе во ЕУ имаат аутистичен спектар на нарушување. Многу од нив се соочуваат со дискриминација и се подложни на социјална исклученост. За да одговори на секојдневните предизвици со кои се соочуваат лицата со аутизам Аутизам Европа ја започна кампањата под наслов: „Нова динамика за аутизмот. I ∞ аутизам”. Покрај тоа што македонскиот јазик се` уште не е еден од официјалните јазици во ЕУ, ние како МНЗА сепак успеавме да го наметнеме и да се појават овие материјали на нашиот македонски јазик на нивната веб страница.

Аутизмот е доживотна состојба и во сите земји членки на ЕУ, а и надвор од неа лицата со АСН се соочуваат со слични предизвици како што се: навремена дијагноза, образование, здравствени услуги, домување и животна поддршка од страна на заедницата. Потребен е холистичен пристап за потребите на овие лица кој ние членовите на МНЗА секојдневно го применуваме во нашите активности и проекти.

Сите вие што сакате да се вклучите во кампањата можете да ја поддржите на одреден начин. Прво, можете да ги споделувате на социјалните медиуми сите алатки од погорниот линк на македонски јазик користејќи го хаштагот #AutismDay2019. Официјалното видео за кампањата е креирано од Аутизам Шпанија, членка на Аутизам Европа. Целта е што подобра социјална инклузија на лицата со аутизам. АЕ ја објави алатката за кампањата која ги објаснува целите на кампањата и вклучува материјали и стратегии на повеќе од 14 јазици, како и на формат лесен за читање.

Македонското научно здружение за аутизам е невладина и непрофитна научна организација чии што цели се откривање на причините на АСН, рана дијагноза и рана интервенција, поддршка на правата на лицата со аутизам и нивните семејства и подобрување на квалитетот на нивниот живот воопшто.

Претседател на МНЗА