Невродиверзитет, нова парадигма за аутизмот

Linkedin   
Whatsapp   

Што е невродиверзитет?

Невродиверзитетот се однесува на диверзитетот кај хуманата популација во однос на човековиот мозок и ум – бесконечната варијација во невро-когнитивното функционирање кај нашиот вид. Невродиверзитетот е поврзан со познатиот концепт на биодиверзитет, и двата се начини на размислување со почит кон нашата планета и нашите заедници. Поимот невродиверзитет е компатибилен со заложбите за граѓански права на малцинствата за достоинство и прифаќање, наспроти патологизирање. На пример, парадигмата на невродиверзитетот е филозофската основа на оние луѓе кои работат на развивање стратегии за инклузивно образование.

Многу аутистични лица, особено оние кои немаат интелектуална попреченост и имаат развиен говор, што им овозможува да се само-застапуваат, ја имаат усвоено рамката на невродиверзитет, создавајќи го терминот „невротипичен“ за да се опише мнозинството и доживувајќи го аутизмот како пример за разноликост во збирот на сите можни различни мозоци, од кои никој не е „нормален“ и сите се едноставно различни.

Тие  аргументираат дека во социјалната средина некои од нивните разлики може да се манифестираат како попреченост, додека во прилагодени средини, попреченоста може да се минимизира, дозволувајќи им на другите разлики да се развиваат како таленти. Перспективата на невродиверзитетот нѐ потсетува дека попреченоста, па дури и нарушувањето може да се должи на вклопувањето личност-средина. „Ние сме слатководни риби во солена вода. Ставете нè во свежа вода и функционираме добро. Ставете нè во солена вода и се бориме да преживееме“ – велат лицата со аутизам.

Спротивставени мислења

Сепак, во однос на концептот за невродиверзитет постои поделеност во аутистичната заедница.  Постојат и такви кои, прифаќајќи некои аспекти на концептот за невродиверзитет, тврдат дека тешките предизвици со кои се соочуваат многу луѓе со аутизам се вклопуваат подобро во покласичниот медицински модел. Многумина од нив се родители на деца или лица со аутизам, кои во било која околина, се исправени пред сериозна борба. Кои речиси да немаат говор, покажуваат тешкотии во учењето, страдаат од гастроинтестинални проблеми или епилепсија, изгледаат како да се во болка без очигледна причина или се агресивни кон себе или други.

Многумина од оние кои го усвојуваат медицинскиот модел на аутизам повикуваат на превенција и лекување на сериозните нарушувања поврзани со аутизмот. Спротивно на тоа, оние кои го поддржуваат невродиверзитетот ги третираат ваквите наративи како егзистенцијална закана за аутистичните луѓе, не поинаква од евгениката.

Медицинскиот модел низ призмата на невродиверзитетот

И покрај ова, овие гледишта меѓусебно не се исклучуваат. Тие можат да се интегрираат преку признавање на хетерогеноста во аутистичната популација. Еден извор на хетерогеноста се говорот и интелигенцијата. Некои луѓе со аутизам немаат функционален говор и имаат сериозен застој во развојот (и едното и другото би се сметале за нарушувања), други имаат поблаги тешкотии во учењето, додека други пак имаат просечни или одлични јазични вештини и просечен или висок коефициент на интелигенција. Невродиверзитетот е факт на природата. Значи, нема никаква смисла да се негира невродиверзитетот, исто како и биодиверзитетот. Но, со внимателен увид во  хетерогеноста кај аутизмот, можеме да видиме како понекогаш моделот на невродиверзитет се вклопува многу добро, а понекогаш медицинскиот модел е подобро објаснување.

Она што е привлечно за моделот на невродиверзитет е тоа што не патологизира, не се фокусира непропорционално на тешкотиите на личноста, туку напротив зазема поизбалансирана перспектива, за да даде еднакво внимание на силните страни на личноста. Покрај тоа, овој модел ја препознава генетската или некој друг вид на биолошка варијација како неодвоива од човечкиот идентитет и чувството за себе, на која треба да и се даде еднаква важност како и било друга различност, како што е полот. Но, за да ja опфатиме широчината на аутистичниот спектар, треба да направиме простор и за медицинскиот модел.

Прочитајте повеќе за невродиверзитетот:

 Scientific American, The Concept of Neurodiversity Is Dividing the Autism Community

Neurocosmopolitanism, Throw Away the Master’s Tools: Liberating Ourselves from the Pathology Paradigm