Што значи прифаќање на аутизмот?

Linkedin   
Whatsapp   

Објаснуваат од Аутистичната мрежа за само-застапување (ASAN)

 Што значи прифаќање на аутизмот?

Прифаќање на аутизмот подразбира уважување и вреднување на аутистичните лица како луѓе пред се, наместо страв од нас, поставување ниски очекувања, или обиди за изнаоѓање начини да бидеме не-аутистични.

Зошто би требало да ги прифатиме аутистичните лица?

Затоа што попреченоста е природен дел од човековото искуство. Аутизмот е природен  дел од човековото искуство, и аутистичните лица се членови на нашата заедница, граѓани, пријатели, членови на семејството и пред се луѓе. Прифаќањето на аутистичните лица значи вреднување на човековите разлики и заложба сите да се вклучени, ценети, и да придонесуваат во заедницата.

Зошто би се грижеле за прифаќањето на аутизмот?

Помеѓу 1% и 2% од светската популацијата се лица со аутизам[*]. Најверојатно и вие познавате лице со аутизам. Прифаќањето значи дека сакате ние, лицата со аутизам, да бидеме тука.

Како изгледа прифаќањето?

Прифаќањето на аутизмот изгледа различно за различни луѓе во различни контексти. На пример прифаќање може да биде:

  • Инклузивно образование;
  • Да се информирате како да комуницирате со лицето со аутизам;
  • Да се спротивставувате на стигмите и стереотипите за аутизмот и аутистичните лица;
  • Да вработите аутистично лице за ист надомест како не-аутистично лице за иста работа;
  • Пукање со прстите наместо плескање со рацете како аплауз за вашиот колега кого го вознемируваат силни звуци;
  • Или, да ја употребите вашата позиција за да ни овозможите почитување и вклучување во заедницата.

Прифаќањето не е пасивна толеранција. Прифаќањето е акција.

Дали прифаќањето значи дека нема потреба од терапии, едукација, интервенција, едноставно допуштање детето да остане таму каде што е засекогаш? Дали прифаќањето е пасивно?

Не. Прифаќањето не е пасивно. Прифаќањето е акција. Прифаќањето значи правење сѐ што можете за детето со аутизам да порасне во што е можно подобар возрасен човек, поддржување на вашите аутистични пријатели во свет кој не е прилагоден за нив, и работа за да го направиме светот подобро, поинклузивно и побезбедно место за аутистичните лица од сите возрасти и способности.

[*] National Center on Birth Defects and Developmental Disabilities, Centers for Disease Control and Prevention , 2020 год.