Почитувани колешки и колеги, драги пријатели на МНЗА
Имам особена чест и задоволство да Ви соопштам дека петок 22 мај Македонското научно здружение за аутизам го прославува својот 20-ти роденден од своето постоење. Тоа е период кој не е ниту многу долг, но ниту многу кус. Ретки се здруженијата од ваков тип кои можат да се пофалат со ваков јубилеј. Годините наназад беа исполнети со многу премрежија на општествено политичката сцена во Македонија и тоа се рефлектираше врз работењето на здружението. Активностите беа исполнети со многу подеми и падови. Низ здружението продефилираа многу членови од кои само најупорните останаа да се грижат за спроведување на неговите цели и задачи, а тоа се следните:
- примарна превенција на лицата со аутизам;
- истражување механизмите кои се поврзани со аутизмот;
- истражување ефектите од рехабилитација на лица со аутизам;
- третирање на лица со аутизам;
- соработка со родителите на деца со аутизам;
- координација на владини и невладини организации кои работат на полето на аутизам.
- соработка со меѓународни универзитети, асоцијации на кои аутизмот им е приоритет.
Во сите овие години покажавме дека можеме да се носиме рамноправно со други вакви здруженија од ЕУ, да бидеме лидери во Македонија во областа на специјалната едукација и рехабилитација на аутистичниот спектар на нарушувања (АСН) и да се грижиме пред се` за здравјето, образованието и социјалната заштита на оваа ранлива категорија на граѓани во нашето општество. Во сите овие 20 години се трудевме да ја зголемиме свесноста за овој проблем кај нашите граѓани, а тоа е посебно видливо во последните 10 години кога организиравме широка палета на активности вкучувајќи во нашите активности естрадни ѕвезди, актери, спортисти, научници, политичари и секако семејствата кои имаат дете или лице со АСН. За оваа намена четири пати го одбележавме со големи настани „2 април – меѓунардониот ден на аутизмот“. Исто така, организиравме пет стручни научни трибини кои го третираат не само АСН туку и Down синдромот. Бевме организатори или соорганизатори на девет семинари, симпозиуми и конференции од кои повеќето и со меѓународно учество. Во наведениот период изведени се преку 250 бесплатни дијагностичко-консултативни прегледи на деца со ова нарушување. Во 2002 година беше издадена брошурата: „Правата на лицата со аутизам во Република Македонија“ која беше дистрибуирана до сите 120 членови на македонскиот парламент во тоа време.
МНЗА во период од 2008 до 2017 година беше соиздавач на списанието Journal of Special Education and Rehabilitation, а од 2019 е соиздавач на меѓународното научно списание Journal for ReAttach Therapy and Developmental Diversities чиј што издавач е од Холандија.
Нашите членови имаат 100-тина учества на домашни и меѓународни семинари, конгреси и конференции. Автори сме на околу 60-тина трудови кои го обработуваат аутизмот од кои нешто помалку од 10 се објавени во списанија со фактор на влијание. Ова му дава посебен научен импакт на здружението во светот на аутизмологијата.
Нашите членови имаат активно партиципирано во 15 домашни и меѓународни проекти од кои за издвојување се следните: „Еднаквост и социјална инклузија преку позитивно родителство“, „Холистички пристап на планирање за лица со аутизам“, „Социјални вештини кај аутизам и програма за позитивно родителство“, и „Пријателски простори за аутизам“. Овие проекти се реализирани во последните пет години, од кои некои се се` уште во тек.
Во последните 15 години издадени се два учебника со наслов: „Аутизам“ и „Аутизам и первазивни развојни нарушувања“ наменети пред се` за студентите од Институтот за специјална едукација и рехабилитација, Институтот за психологија при Филозофскиот факултет во Скопје, а можат да го користат и медицинарите.
МНЗА е секојдневно присутно со популарни објави за АСН на социјалните медиуми со што сакаме да ја едуцираме популацијата за овој навистина тежок проблем во нашата заедница.
Јубилејот 20 години постоење на МНЗА требаше да го прославиме со голема конференција што требаше да се одржи од 29-31 мај, а во заедничка организација со нашите партнери „Фондацијата за риатач терапија“ од Холандија, но пандемијата со болеста Ковид-19 не` спречи во тие намери. Требаше да имаме преку 150 гости од земјата и од 20-тина европски држави, азиски држави и САД. Заради тоа преминавме на интернет кампања за да можеме достојно да го чествуваме овој јубилеј. Имено, кампањата секојдневно се спроведува на блогот на МНЗА, на официјалните Фејсбук, Твитер, Линкедин, Инстаграм профили на здружението.
Ние, членовите на МНЗА ќе продолжиме да работиме да откриваме нови случаи со аутизам во РМ, да креираме нови проекти, да пишуваме научни трудови, да помагаме на родителите и секако на децата и лицата со АСН, во насока на подобрување на квалитетот на живеење на овие семејства.
20 години МНЗА презентација во Прези програмата.
Претседател на МНЗА