Завршен извештај за проект од Комерцијална банка-Скопје

Linkedin   
Whatsapp   

Почитувани колешки и колеги, драги родители на деца со АСН

Чувствувам потреба како транспарентен човек да споделам делови од завршниот извештај што го поднесов до финансиерот на проектот „Родителите не ги оставаме сами“ Комерцијална банка АД Скопје. Во продолжение извадоци:

Македонското научно здружение за аутизам е прво вакво здружение кое редовно комуницира со семејствата и добро ги познава проблемите со кои се соочуваат при што на разни начини се бараат решенија за нивно надминување. Врз основа на контактите, спроведените научни истражувања и состојбите на теренот, веќе подолго време произлегува потребата за подобар начин на информирање, почести средби на тематски вебинари поврзани со аутизмот, креирање на материјали за поддршка, како и психосоцијална поддршка на семејствата на децата со аутизам и пошироката заедница. МНЗА работи 21 година на подигнување на свесноста за АСН и подобрување на квалитетот на живот на семејствата кои имаат деца и лица со АСН.

Целта на овој проект беше да се направат онлајн советодавни прегледи на децата со АСН, да се направат обуки и едукација на родителите за проблемите и потребите со кои се среќаваат децата со аутистичен спектар на нарушувања и да се креираат материјали кои ќе можат слободно да се симнуваат од веб страницата на МНЗА.

Програмата за обука беше дизајнирана да им обезбеди на учесниците сеопфатно запознавање и информации за понатамошно развивање на нивните вештини, методите и етиката поврзани со процесот на едукација на децата со АСН.

Целокупната програма за обука беше реализирана преку шест модули:

  1. Проблеми во исхрана и спиење кај аутистичен спектар на нарушувања проф. д-р мед. Владимир Трајковски
  2. Поттикнување на самостојноста и разбирањето кај деца со аутизам м-р Ивана Василевска Петровска
  3. Интерактивни игри за развој на основните социјални вештини кај децата со АСН Весна Филиповска
  4. Нутриција и ментално здравје кај деца со аутистичен спектар на нарушувањапроф. д-р мед. Владимир Трајковски
  5. Поттикнување на комуникацијата и социјалниот развој кај деца со аутизам м-р Ивана Василевска Петровска
  6. Интерактивни активности за развој на социјалната комуникација кај деца со аутизам Весна Филиповска

 

 ИМПЛЕМЕНТАЦИЈА

 Обуки преку вебинари

Програмските модули за обука беа реализирани во периодот од март 2021 до април 2021 година. Во текот на периодот на спроведување на обуката беа испорачани 4 вебинари (по 2 во секој циклус со време траење од 4 часа, три модули во првиот и три модули во вториот ден). Бројот на учесници по циклус на обука беше од 10 до 30 родители.

Во месец март 2021 година беа реализирани два вебинари:

  • На 5 март со 30 учесници
  • На 10 март со 26 учесници

Во месец април 2021 година беа реализирани два вебинари:

  • На 2 април со 18 учесници
  • На 7 април со 10 учесници.

Во реaлизацијата на 6-те програмските модули, односно 4-те вебинари, учествуваа вкупно 84 родители. За сите вебинари постојат фотографии кои може да се најдат на Фејсбук страницата на здружението https://www.facebook.com/MSSAutism.

 Третмани на деца со АСН

Третманите на децата со АСН беа изведени во два приватни центри за стимулација и развој и тоа во „Гаспар“ од Скопје и „Старс“ од Велес во периодот март-април 2021 година.

Во „Гаспар“ центарот беа изведени 20 неурофидбек третмани, 5 логопедски третмани и 25 дефектолошки третмани на вкупно 5 деца.

Во „Старс“ центарот беа изведени 60 дефектолошки третмани и тоа на 5 деца по 12 часови.

Дијагностичко консултативни и советодавни прегледи

Во периодот од јануари до април 2021 година проф. д-р Владимир Трајковски направи дијагностичко консултативни и советодавни прегледи на 25 деца со АСН преку онлајн програмот Скајп. Прегледите беа во времетраење од 30 до 60 минути зависно од дете до дете. За сите постои документација со фотографија од прегледот. Беше констатирана или потврдена дијагнозата АСН. Беше посочен биомедицински третман и други битни совети за подобра рехабилитација. Во текот на сите прегледи беше пружена и психосоцијална поддршка на семејствата како и охрабрување со насоки за понатамошен третман.

Изработка на отворени образовни ресурси (ООР) и материјали за поддршка на деца и лица со аутизам

Во периодот од јануари до април 2021 година м-р Ивана Василевска Петровска и Весна Филиповска изработија отворени образовни ресурси (ООР) и материјали за поддршка на деца и лица со аутизам кои се прикачени на веб страницата на МНЗА и може слободно да се симнуваат, да се гледаат и да се користат.

М-р Ивана Василевска Петровска ги заврши следните задачи:

  1. Подготовка на едитабилни визуелни распореди во дигитална форма – 4 документи
  2. Подготовка едитабилни табли за избор во дигитална форма – 3 документи
  3. Подготовка на едитабилни токен системи во дигитална форма – 4  документи
  4. Изработка на интерактивна игра за препознавање емоции кај други – 1 документ
  5. Изработка на интерактивна игра за увежбување на гестот за покажување – 1 документ
  6. Изработка на едитабилни социјални приказни во дигитален формат – 10 документи
  7. Изработка на видео упатства за секој тип на материјали – 15 видео записи.

Весна Филиповска ги заврши следните задачи:

  1. Изработка на едитабилни социјални приказни во дигитален формат – 11 документи
  2. Активност за препознавање емоции кај себе во дигитален формат – 1 документ
  3. Подготовка на визуелен распоред за социјална игра, во дигитален формат – 1 документ
  4. Подготовка на визуелни знаци во дигитален формат – 1 документ
  5. Подготовка на визуелен распоред за анализа на задача, дигитален формат – 1 документ
  6. Изработка на видео упатства за секој тип на материјали – 15 видео записи.

 

ЗАКЛУЧОЦИ

            Од изведените 4 обуки, како и од анализата на коментарите на родителите може да се изведат следните заклучоци:

  • Кај родителите постоеше ниско ниво на познавање на проблематиката на аутистичниот спектар на нарушувања (АСН);
  • Кај нив постоеше голем интерес за добивање на нови информации поврзани со проблемот;
  • Повеќе од оправдано е спроведувањето на овој проект бидејќи родителите добија доста корисни теоретски и практични инфомрации поврзани со АСН, добија совети за третман и рехабилитација на нивните деца, добија отворени образовни ресурси кои можат да ги симнат слободно во секое време и секако некои од нив добија бесплатни третмани во двата горенаведени центри;
  • Аутистичниот спектар на нарушувања претставува сериозен ментално здравствен, образовен, финансиски и социјален проблем во Македонија и затоа треба да биде национален приоритет.

 

ПРЕДЛОЗИ

            Врз основа на изнесените заклучоци, МНЗА ги дава следните предлози:

  • Неопходна е доедукација за АСН на сите родители на деца со АСН;
  • Се укажува потреба од понатамошна соработка меѓу општествено одговорни компании и Македонското научно здружение за аутизам;
  • Ќе биде од огромно значење ако и другите општествено одговорни компании го следат примерот на Комерцијална банка АД Скопје и поддржат вакви слични проекти;
  • Потребна е интензивна соработка меѓу приватниот сектор, НВО секторот и ресорните министерства со цел подобра специјална едукација и рехабилитација на оваа категорија ранливи деца;
  • На државно ниво неопходно е креирање на национален регистер за АСН и градење на национална стратегија за деца и лица со АСН.

Претседател на МНЗА

МНЗА започна со реализација на новиот проект во соработка со Општина Карпош

Linkedin   
Whatsapp   

Почитувани колешки и колеги,

Со особено задоволство сакаме да ве известиме дека МНЗА започна со реализација на проектот: „Зајакнување на капацитетите кај професионалците за проблемите и потребите на децата со аутистичен спектар на нарушувања, во предучилишните и училишните установи“ со финансиска поддршка од општината Карпош, Скопје. Првата обука се реализираше со вработените од градинката „Пролет“ на 22 и 23 декември 2020 година преку платформата ЗУМ. Во обуката учествуваа околу 70-тина учесници од оваа предучилишна установа од територијата на општината Карпош.

Цели на проектот:

  • Вработените во погореспоменатите предучилишни и училишните установи во Општина Карпош – Скопје ќе се запознаат со сите аспекти на аутизмот како проблем во општеството, на семејството и на институциите (детекција, дијагностика, едукација, современи методи на пристап при третманот на аутизмот, адаптација на просторот и материјалите за работа, како и социјалната заштита на лицата со АСН).
  • Планирање на развој на услуги кои им се потребни на децата со аутизам и нивните семејства со кои би им се подобрило функционирањето во општествената заедница и соработка заради задоволување на индивидуалните потреби на детето со аутизам и семејството.
  • Донесување заклучоци за идните насоки на делување, преку комуникација и размена на искуства меѓу родителите и дружење на родителите и децата со одржување на заеднички средби.

 Целна група, целно подрачје и локација:

  • Целната група се вработените во погореспоменатита пет предучилишни и пет училишни установи, децата  и родителите.
  • Целно подрачје и локација е општина Карпош.
  • Со проектот се очекува да се зголеми јавната свест, знаењата и информираноста за инклузија на деца со аутизам,  поддршка на нивните семејства и нивните права, а преку обезбедување на дидактички материјали да се зголеми квалитетот на третманот на децата со аутизам.

Предавачи на обуката беа:

  • Проф. д-р Владимир Трајковски – Вовед во аутистичен спектар на нарушувања (АСН)
  • Стојан Андонов, дипломиран окупационен терапевт – Окупациона терапија кај деца со АСН
  • Александра Карагирова, дипломиран специјален едукатор и рехабилитатор – Специјална едукација кај деца со АСН
  • Вонр. проф. д-р Владимир Илиевски – Социјална поддршка кај децата со АСН

Сите учесници на обуката ќе добијат електронски сертификат за учество на 8 часовна обука од страна на МНЗА. Доколку сте заинтересирани да погледнете слики од настанот повелете кликнете ОВДЕ.

Им благодариме на учесниците од градинката „Пролет“ за интересот што го покажаа. Исто така благодариме на целата администрација на општината Карпош, како и на советниците кои го препознаа овој проект и решија да го финансираат.

Претседател на МНЗА

Истражување на МНЗА за добри практики на индивидуално насочено планирање кај аутизам

Linkedin   
Whatsapp   

Почитувани колешки и колеги, драги родители на деца со АСН,

Сакам да ве информирам дека МНЗА започна со ново истражување под наслов: „Истражување за добри практики на индивидуално насочено планирање користени од страна на помошниците на лицата со аутизам“ во рамките на Еразмус плус проектот скратено наречен Аутизам ПЦП, во кој ние членовите на МНЗА учествуваме заедно со партнери од Грција, Бугарија, Италија, Романија и Кипар.

Оваа анкета има за цел да собере важни податоци за алатките или методологијата што ги користите како помошници на лицата со аутистичен спектар на нарушување. Ние сметаме на Вашето практично искуство и знаење што сте го стекнале во текот на годините, со цел да ги модифицираме алатките што ги развиваме за подобро да ги покриеме потребите на индивидуалците со аутистичен спектар.

Оваа анкета нема да Ви одземе премногу време бидејќи ние знаеме дека Вашето време е бесценето, како што и за нас се од непроценливо значење Вашите повратни одговори за развојот на овој проект.

Ве замолувам да одвоите 6 минути од вашето приватно или службено време и да ја пополните анкетата. Особенео ова важи за родителите за кои што алатките кои ги развиваме можат многу да им помогнат во развојот на нивните деца при одредени транзиции во текот на животниот век. Анкетата е во Гугл Формулар и не заборавајте на крај да го стиснете копчето Submit.

Однпред ви благодариме на вашата соработливост.

Со почит,

Претседател на МНЗА

Одржана првата обука од АСП проектот

Linkedin   
Whatsapp   

Почитувани читатели,

Сакаме да ве известиме дека на 9 и 10 ноември 2019 година МНЗА ја одржана првата обука во рамките на АСП проектот во Центарот за аутизам во Топанско поле. Проектот е со финансиска поддршка од УНИЦЕФ и амбасадата на Кралството на Велика Британија во Скопје. Програмата за социјални вештини и позитивно родителство е системска интервенција од која е од поголема помош за семејствата со аутизам. Во првата фаза од овој проект се едуцираат професионалците, а во втората родителите на децата со аутистичен спектар на нарушувања. Во првиот викенд професионалците се здобија со следните знаења:

Вовед во аутистичниот спектар на нарушувања;

Визуелна поддршка на учењето;

Позитивни пристапи кон сексуалниот развој и едукација;

Управување со сензорната чувствителност;

Позитивни пристапи кон социјалниот развој, комуникација и интеракција;

Разбирање и управување со предизвикувачкото однесување.

За две седмици продолжуваат обуките и професионалците ќе добијат знаења за социјалните вештини, социјалните приказни и како да ги подобрат социјалните однесувања на своите клиенти. Во продолжение проследете слики од настанот.

Претседател на МНЗА