Обука за UNFPA за Сексуално и репродуктивно здравје и Родово базирано насилство кај лица со попреченост

Linkedin   
Whatsapp   

На 10.06.2023 година Фондот за население на Обединетите нации (United Nations Population Fund – UNFPA) одржа обука за Сексуално и репродуктивно здравје и Родово базирано насилство (СРЗ и РБН), наменета за лица со попреченост и организации на лица со попреченост. Учесниците ја следеа обуката во просториите на ООН во Скопје и онлајн. На обуката учествуваше и Македонското научно здружение за аутизам (МНЗА) со свој претставник.

Обуката беше организирана во осум модули.

На почетокот, Нермина Факовиќ, претставник од Министерството за здравство ги презентираше меѓународните стандарди за зајакнување на одговорот на родово базираното насилство (РБН). Наведена беше и улогата на здравствените установи/работници во одговорот на РБН како и бариерите за здравствена заштита при РБН. Истакнато беше дека пристапот за обезбедување здравствени услуги при РБН треба да биде: родово чувствителен, фокусиран на жртвите и базиран на човековите права. Се претпочита да биде организиран во вид на интегриран одговор во постојните услуги, наместо во вид на самостојни, посебни услуги, особено во средини со ограничени ресурси.

Потоа, специјалниот едукатор/рехабилитатор Ангела Николовска зборуваше за сексуалноста кај лицата со попреченост, пристапите до информации и потребата за образование за сексуалноста и сексуалното здравје кај овие лица.

Наде Тофоска, социјален работник од Клиниката за гинекологија и акушерство, продолжи понатаму наведувајќи ги сексуалните и репродуктивните права на лицата со попреченост и најчестите начини на нивно кршење: наметната и/или присилна стерилизација, наметната/изнудена контрацепција, негирање на мајчинството, родителството и родителските права и сексуално и родово базирано насилство. Таа ги прикажа и бариерите со кои лицата со попреченост се соочуваат во пристапот до услугите за сексуално и репродуктивно здравје и последиците: непланирана бременост и неповолни исходи при раѓање, мајчински морбидитет и морталитет, сексуално преносливи инфекции, физичка и сексуална злоупотреба и силување, принудни здравствени практики и медицински процедури, ограничување и непочитување процедури, проблеми со менталното здравје. Беше прикажан примерот на Центарот за упатување на жртви на силување во рамките на Клиниката за гинекологија и акушерство.

На клиничките аспекти на сексуалното и репродуктивното здравје (СРЗ) кај лицата со попреченост се осврна доц. д-р Миле Тантуровски. Се дискутираше за специфичните влијанија на попреченоста врз сексуалното и репродуктивно здравје, како и специфичните тешкотии со остварувањето на потребите од СРЗ со кои овие лица се соочуваат, на пр. во врска со половиот развој, планирањето на семејство, бременост, породување, гинеколошко здравје и превенција. Тој посебно обрна внимание на потребата од специјалистичка интердисциплинарна здравствена грижа, фокусирана на потребите на лицето со попреченост и на колаборативно донсување одлуки, поради специфичноста на состојбата, можните коморбидни состојби и хронични медикаментозни терапии.

На крајот, Ангела Николовска даде повеќе предлози и совети за подобра комуникација со лицата со попреченост во врска со сексуалното и репродуктивното здравје.

Скопје, 10.06.2023

Подготвила:

Ирена Стојановска

Обука за неинтегрирани примитивни рефлекси

Linkedin   
Whatsapp   

Почитувани колешки и колеги,
Ве известуваме дека е планирана обука за месец октомври или најдоцна ноември оваа година во Скопје за АБ програма – проценка и третман на неинтегрирани примитивни рефлекси кај деца со тешкотии во учењето и пречки во развојот.

Примитивните рефлекси, како основа за правилен психомоторен развој, се интегрираат во првите години од животот. Меѓутоа, доколку тоа не се случи, децата може да имаат различни тешкотии во учењето, координацијата, моторните вештини, говорот, слаб имунитет, анксиозност, ноќното мокрење, итн.
Неинтегрираните примитивни рефлекси се присутни и кај децата со пречки во развојот и затоа е важно да се направи нивна процена и третман. АБ програмата е наменета за сите кои се занимаваат со развој и работа со деца (дефектолози, психолози, воспитувачи,…) како и родители. Со програмата АБ ќе го совладате теоретското знаење за развојното и невролошкото значење на примитивните рефлекси и преку практични вежби ќе научите да оценувате и интегрирате 20 примитивни рефлекси. Со вежби за интеграција на примитивни рефлекси, можете да направите стимулација, превенција и се разбира, рехабилитација. Освен кај деца со пречки во развојот, широко се користи и кај деца со типичен развој, кај кои задржаните рефлекси можат да предизвикаат поблаги проблеми како што се во прецизноста на движењето и тешкотиите во учењето.
Резултатите се гледаат многу брзо, често и по првиот третман, а најважно е што нема никакви несакани ефекти и не можете да направите ништо што може да му наштети на детето.
Обуката ги содржи следните единици:
– Примитивни рефлекси, развојно значење, функција и поделба;
– Симетрија:
– Вежби за подготовка за учење, концентрација;
– 20 рефлекси индивидуално третирани со теоретски дел со развојно значење и последици од неинтеграција, тест за рефлексна проценка, вежби за стимулација и рефлексна интеграција.
– Профили на доминација.
По завршувањето на обуката ќе добиете прирачник и сертификат од белградскиот центар за развој БЕРЦ.
Обуката се реализира во временски интервал петок од 15:00 до 19:00 часот, сабота и недела од 10:00 до 17:00 часот. Времето зависи од ритамот на групата, односно времето потребно за вежбање.
Автор и предавач е Александра Буковица, магистер дефектолог-олигофренолог, автор на акредитирани програми, апликации за деца со тешкотии во комуникацијата, MNRI практичар, BRAIN GYM, ATOS советник …

Обуките ќе се реализираат ако се формира група од најмалку 10 учесници. МНЗА дава само морална и академска поддршка и нема да биде вклучена во финансиските трансакции и плаќања за обуката, т.е. нема никаков материјален интерес од истата. Покажувањето интерес од ваша страна започнува веднаш.
Пријавување и информации на e-mail abukovica@gmail.com.

МНЗА

 

МНЗА започна со реализација на новиот проект во соработка со Општина Карпош

Linkedin   
Whatsapp   

Почитувани колешки и колеги,

Со особено задоволство сакаме да ве известиме дека МНЗА започна со реализација на проектот: „Зајакнување на капацитетите кај професионалците за проблемите и потребите на децата со аутистичен спектар на нарушувања, во предучилишните и училишните установи“ со финансиска поддршка од општината Карпош, Скопје. Првата обука се реализираше со вработените од градинката „Пролет“ на 22 и 23 декември 2020 година преку платформата ЗУМ. Во обуката учествуваа околу 70-тина учесници од оваа предучилишна установа од територијата на општината Карпош.

Цели на проектот:

  • Вработените во погореспоменатите предучилишни и училишните установи во Општина Карпош – Скопје ќе се запознаат со сите аспекти на аутизмот како проблем во општеството, на семејството и на институциите (детекција, дијагностика, едукација, современи методи на пристап при третманот на аутизмот, адаптација на просторот и материјалите за работа, како и социјалната заштита на лицата со АСН).
  • Планирање на развој на услуги кои им се потребни на децата со аутизам и нивните семејства со кои би им се подобрило функционирањето во општествената заедница и соработка заради задоволување на индивидуалните потреби на детето со аутизам и семејството.
  • Донесување заклучоци за идните насоки на делување, преку комуникација и размена на искуства меѓу родителите и дружење на родителите и децата со одржување на заеднички средби.

 Целна група, целно подрачје и локација:

  • Целната група се вработените во погореспоменатита пет предучилишни и пет училишни установи, децата  и родителите.
  • Целно подрачје и локација е општина Карпош.
  • Со проектот се очекува да се зголеми јавната свест, знаењата и информираноста за инклузија на деца со аутизам,  поддршка на нивните семејства и нивните права, а преку обезбедување на дидактички материјали да се зголеми квалитетот на третманот на децата со аутизам.

Предавачи на обуката беа:

  • Проф. д-р Владимир Трајковски – Вовед во аутистичен спектар на нарушувања (АСН)
  • Стојан Андонов, дипломиран окупационен терапевт – Окупациона терапија кај деца со АСН
  • Александра Карагирова, дипломиран специјален едукатор и рехабилитатор – Специјална едукација кај деца со АСН
  • Вонр. проф. д-р Владимир Илиевски – Социјална поддршка кај децата со АСН

Сите учесници на обуката ќе добијат електронски сертификат за учество на 8 часовна обука од страна на МНЗА. Доколку сте заинтересирани да погледнете слики од настанот повелете кликнете ОВДЕ.

Им благодариме на учесниците од градинката „Пролет“ за интересот што го покажаа. Исто така благодариме на целата администрација на општината Карпош, како и на советниците кои го препознаа овој проект и решија да го финансираат.

Претседател на МНЗА